Каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15 п.п. до нивото од 6,15% беше одлучено на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика, соопшти Народна банка.
На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,05% и 4,10%, соодветно.
-Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Одлуката за промена во каматните стапки е донесена во услови на постепена стабилизација, но и понатаму постојат ризици, поради што е оценето дека има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика.
Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), којашто на последниот состанок донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки, соопштуваат од НБ.
Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.