ОСМИОТ КРУГ НА ПЕКОЛОТ

by Фокус

Арбен Гоља

Оваа криминална власт продолжува бескрупулозно да ја повлекува Македонија кон дното, се со цел да го избегне мечот на правдата кој опасно се надвива над нивните глави. Најновиот самоубиствен потег е одлуката на нивните верни вазали и партнери во криминалот-  ДУИ, да се повлечат од техничката влада. Верувам дека оваа одлука е тесно координирана со нивниот партнер во власта, ВМРО-ДПМНЕ.

Ова пред се заради апсолутно баналната и, ако смеам да речам, смешна и неодговорна причина,  објавување на hot line  разговор помеѓу двајца високи функционери во врвот на оваа партија.

Многу е симптоматично што ДУИ дури сега вака ригидно реагира за ваква баналност, а не најде за сходно да постапи на овој начин пред една година кога беа објавени прислушуваните разговори на нивните коалициони партнери, а во еден дел и на нивните високи функционери, чија содржина укажува на сомнение за извршени тешки кривични дела, злоупотреби и корупција.

БАНАЛЕН КОМПРОМИТИРАЧКИ МАТЕРИЈАЛ

Ова повеќе ми личи на очајнички и лош обид да се створат услови за неодложно да се одржат изборите на 5-ти јуни, без разлика што не се обезбедени условите за нивното одржување. Концепцијата е многу јасна и провидна, која се надзира од далеку. Има уште неполна недела до распуштање на парламентот и сега одеднаш државата влегува во владина криза, односно останува без техничката влада која во моментов е преполовена и нефункционална.

Поткрепа на ова е и самата изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој не ја коментира одлуката на нивниот партнер ДУИ, дека народот ќе избере влада каква што тој сака. Прејудицира цели два месеца нова влада која допрва би била избрана по закажаните избори на 5-ти јуни. Повторно со познатата матрица на популизам, каде акцентот секогаш се става на зборот “народот”.

Целта е јасна, државата да остане без влада и да не биде функционална, што по нивно мислење ќе ја натера меѓународната заедница да се согласи изборите да се одржат на 5-ти јуни, без разлика што нема услови за нивното одржување, а со цел ( по нивно површно размислување), да се избере каква таква влада, (длабоко уверени дека тоа ќе бидат повторно они), за државата да биде функционална и избегне несакани дестабилизации.

Ова инсистирање може да се насети и од дел на изјавата на ДУИ за причините за повлекувањето од техничката влада, каде всушност и се провлекува еден вид закана, иако оваа закана многу траљаво ја затскриваат во несоодветна обланда кога велат дека доколку не се пронајдат креаторите и објавувачите на баналниот компромитирачки материјал од страна на МВР, ситуацијата може да се оттргне од контрола, па правдата некој да ја земе во свои раце.

ЕКСПЕРТСКА ВЛАДА

Ова го толкувам дека алудираат на можни меѓуетнички судир. Замислите кој апсурд, меѓуетнички судир заради објавена љубовна афера! Ова е стварно небулозно и, простете на изразот, дебилно. Па зарем стварно мислат дека овој народ е толку глуп? Можеби е мирен и толерантен, но никако глуп, многу брзо ќе го сфатат овој факт.

Мислам дека на давенициве сметкава им е дефинитивно погрешна, како и се што досега превземале. Овој нивни потез може да им се лупне од глава како бумеранг. Со ова самите ја подотворија вратата за можноста за формирање на експертска влада, која е всушност многу по потребна отколку одржувањето дури и на кредибилни, демократски и фер избори.

На оваа земја и треба експертска влада најмалку 3 години, за да ги врати институциите на системот во кондиција, за истите да функционираат во корист на граѓаните и државата. Дури потоа одржување на избори каде граѓаните слободно и со личен избор ќе одлучат кој сака да им ја води државата.
Овој обид е производ на реалната паника која ги обзема по иницирањето на кривичните постапки од страна на Специјалното јавно обвинителство, а особено по објавувањето на предметот “Тврдина” и првата определена мерка притвор. Шавовите на оваа криминална власт веќе пукаат по должина, очигледно се и самите свесни за тоа, па во таа паника прават груби грешки во чекори.

Паниката и стравот им е реално објективен, прашање е на време кога некој од нивниот формиран ланец ќе прозбори и ќе се претвори како доказно средство против нив. Треба да се очекува дека ова не е крајот на нивните неразумни постапки, кои ма колку наштетиле на државата ќе бидат погубни за нив самите, бидејќи веќе сега се во 8-от круг на пеколот .

 

Поврзани новости