Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, по средбите во Европската Комисија изјави дека Владата самоиницијативно ќе го испрати Законот за јазиците во Венецијанската комисија за проверка.
-Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ. Фактот дека даваат 36.000 амандмани од кои 30.000 се за казните – дали ќе биде едно евро, две евра, до 30.000 евра колку да ги покријат амандманите, е со цел физичко спречување на законот, а не за аргументирана дебата за законот. Ние не го носиме овој закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста по однос на законот. Два пати е усвоен од страна на Собранието со мнозинство од 69 пратеници, рече вицепремиерот.
Османи изјави дека не се сомнева во уставноста на законот, и дека веќе се повлечени одредбите кои се однесуваат на употребата на јазикот на банкнотите и униформите во одбрана, во согласнот со мислење на Венецијанската комисија. Вицепремиерот додаде дека кога ќе биде Законот усвоен тој ќе биде повторно испратен до Комисијата за мислење во целост, но и дека секој има право да се обрати до Уставниот Суд доколку се сомнева во уставноста на законот.