Владата забрзано работи на исполнување на акцискиот план за отстранување на сите пречки за влез во ЕУ, изјави денеска на прес конференција вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи. Тој информираше дека се во план краткорочни и долгорочни мерки што се потцртани на патот кон евроатланската агенда.
-Владата по средбите во Брисел, веднаш по слетувањето во Скопје формираше ад-хок комисија, која подготвува акциски план што мораме да го реализираме за да ги исполниме очекувањата на европските партнери. Ни остануваат средби со уште редица институции, кои до Владата ќе предложат мерки за да можеме на седницата со еврокомесарот Јоханес Хан на 26 јуни да го испорачаме договореното. Краткорочно до локалните избори да ги имаме првите резултати и да испратиме порака дека агресивно ќе работиме на потцртаните реформи, рече Османи.
Тој најави и долгорочни мерки, кои ќе продолжат да се реализираат по локалните избори, а кои ќе ја трасираат евроинтеграциската агенда.