ВМРО-ДПМНЕ и понатаму го користи истото гориво кое во минатото им ги изгоре рацете и ги испрати во опозиција, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи како коментар за вчерашната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој рече дека ќе го поддржи Заев во сите владини реформи, доколку СДСМ се откаже од усвојувањето на Законот за албанскиот јазик.
-Доколку некој ја уценува реформската агенда со не усвојување на Законот за јазиците, тоа претставува врв на политичка неодговорност што може да ја направи една политичка партија. Да кажете дека ќе го запалите домот затоа што не ми се задоволува една моментална потреба е врв на неодговорност што може да ја направи една политичка партија. Реториката дека ќе поддржат моноетничка влада, само да не се усвои законот за албанскиот јазик е стар вокабулар за кој сме мислеле дека е поминат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа дека таа политика ги испрати таму каде што се во моментот, рече Османи.