За Договорот со Бугарија ниту може, ниту смее да има референдум. Тој е еден од столбовите на евроатлантска Република Северна Македонија, заедно со Преспанскиот и Охридскиот договор, а еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Дополнително, како што рече министерот Османи, меѓународни договори не можат преку да се поништат преку еднострани одлуки.
Според Османи, сепак, опозицијата со иницијативата за референдум за договорот со Бугарја му направила услуга на процесот за уставни измени затоа што, како што истакна, ја раздвоила дебатата за уставните измени и Договорот со Бугарија, бидејќи едното и другото не се поврзани.
-Уставните измени не се дел од Договорот со Бугарија, кога вие го оспорувате само договорот, тоа значи дека ви се во ред уставните измени. Мислам дека тоа е добро за да се раздвои оваа дебата. Во ред, ќе разговараме за Договорот со Бугарија.Тоа е оврска преземена која што не може да се поништи, но, еве ќе разговараме во еден долг рок дали било добро или не било добро. Но, тоа не е поврзано со уставните измени. Тие не се контроверзни, тие прво се рефлексија на нашиот однос кон заедниците, како и за сите помали други заедници. Нема причина за каква било дискриминација во тој дел, затоа што нашиот систем не познава малцинства по број освен за 20 отсто, рече Османи.
Министерот за надворешни работи, како што потенцира, е сигурен дека со секој поминат ден се повеќе ќе има поддршка за стратешките одлуки и правци за државата во тешки регионални и геополитички контексти.
-Знам дека на ВМРО-ДПМНЕ нема да им донесе никаков бенефит овој став кон стратешките прашања, ниту во нивнот имиџ пред граѓаните, ниту пред меѓународната заедница, ниту пак воопшто ќе даде одредена додадена вредност на нивната политичка иднина. Не знам зошто тоа не можат да го разберат, затоа што игра со стратешките прашања во дневно-политички контекст секогаш било губитничка варијанта за тие што тоа го прават, вели шефот македонската дипломатија.
Но, вели, од комуникација со луѓе на ВМРО ДПМНЕ верува дека и таму се има разбирање оти од овој процес нема штета и дека Северна Македонија не смее да биде заложник на дневно-политички и партиски интереси.
-Никој нема да има штета ако се направат уставните измени. Напротив, државата ќе се покаже пред светот отворена за заедниците, а тоа исто така ќе овозможи продолжување на патот кон преговорите, рече министерот за надворешни работи на редовниот брифинк со новинарите.