Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во изјава за ТВ 21 извести дека синоќа во Охрид постигнал договор со српскиот претседател Александар Вучиќ за отворање долгонајавуваниот граничен премин Лојане – Миратовац.
-Јас му ги претставив аргументите на претседателот Вучиќ, причините за отворање на овој граничен премин кој е бенефит за жителите од двете страни на границата и позитивна порака во рамки на оваа регионална соработка. Бидејќи соработката не е само добри зборови туку и конкретни проекти и образложив дека секретаријатот за европски прашања, обезбедил средства преку норвешката влада, сите средства за граничната инфраструктура, но потребна е политичка волја од српската влада, бидејќи владата на РСМ го потпиша и усвои меморандумот. Неговиот одговор беше дека оваа работа е завршена бидејќи има доволно аргументи и дека наскоро се очекува одговор од српската влада за потпишување на меморандумот таму – рече Османи.
Претходно, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека нема никаква економска добивка од отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац и тоа не е приоритет на српската влада.