Османи: Времето ќе покаже дека е правилна и стратешка одлуката за старт на преговорите со ЕУ

by fokus

Привилегиран и среќен сум што претставувам земја, која конечно преговара со ЕУ и морам да кажам дека кредибилитетот на ЕУ во регионот е зачуван во последен момент, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панелот „ЕУ и Западниот Балкан: кој е подготвен?“ одржан во рамки на Бледскиот стратешки форум.

– Секако, не се согласуваат сите во Северна Македонија или пошироко надвор од Северна Македонија, велат дека моравме да платиме висока цена за почеток на пристапните преговори, но како што реков неодамна, времето ќе покаже дека оваа одлука била правилна, стратешка и уште еднаш покажа дека Северна Македонија покажува континуирана будност кон дијалогот, кон културата на компромис, кон стратегиското одлучување и регионалната одговорност, нагласи Османи.

Тој потсети дека земјата 17 години беше заглавена во „зоната на самракот“ во статус на кандидат за членство, иако јасно покажа дека може да е пример за другите земји, за уникатна мултиетнича демократија и за компромисно решавање на проблемите.

На панелот обраќања имаа и заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, министрите за надворешни работи на Косово Доника Гервала Шварц, на Црна Гора Ранко Кривокапиќ и на БиХ Бисера Турковиќ, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, високиот претставник за БиХ Кристијан Шмид и Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.

Панелистите дебатираа за иднината на Западниот Балкан, која инхерентно е поврзана со европските и евро-атлантските структури, особено во светло на новата геополитичка реалност, актуелните безбедносни ризици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина и нужноста од ефектуирање на проектираната амбиција на ЕУ како глобален актер, соопшти МНР.

Поврзани новости