Шефот на дипломатијата Бујар Османи од денеска престојува во дводневна работна посета на Софија, за време на која ќе има средби со неговиот бугарски колега Николај Милков, со премиерот на Бугарија, Галаб Донев, како и со лидерите на главните партии застапени во новото бугарско Собрание.
Како што соопшти МНР, Османи ќе се сретне со Бојко Борисов од Граѓани за европско развој на Бугарија (ГЕРБ), Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите (ДПС), Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Христо Иванов од Демократска Бугарија (ДБ) и со Стефан Јанев од Бугарски подем.
– На средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка, наведуваат од МНР.
Во рамки на посетата, Османи, заедно со домаќинот Милков ќе учествуваат и на тркалезна маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарското МНР соопшти дека во главниот град на Бугарија денеска ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на кој земјава ќе ја претставува шефот на дипломатијата Османи.
Според најавите на Министерскиот состанок на ЦЕИ, со која годинава претседава Бугарија, како специјални гости се поканети генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Матијас Корман, како и претставници на Светската здравствена организација (СЗО), Организацијата за црноморска економска соработка, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Јадранско-јонската иницијатива.
Средбата на министрите за надворешни работи на ЦЕИ ќе се одржи во државната резиденција „Бојана“, а во рамки на средбата во Гранд хотел „Милениум“ ќе биде одржан Економско-бизнис форум.
Приоритетите на бугарското претседателство се економско и социјално заздравување од пандемијата на Ковид-19 и од последиците од руската агресија на Украина, подобрување на транспортната поврзаност и развојот на локалната димензија на ЦЕИ.
ЦЕИ е една од најстарите иницијативи за регионална соработка во Европа. Таа е формирана на 11 ноември 1989 година и во неа членуваат 16 земји – девет од Европската унија – Италија, Унгарија, Словенија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија и Хрватска, пет од Западен Балкан – Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, и две од Источното партнерство – Украина и Молдавија. Правата на Белорусија како членка на ЦЕИ се суспендирани.