Османи во посета на Софија, со Милков ќе го посетат натепаниот Пендиков

by Fokus

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе оствари работна посета на Софија.

Османи ќе се сретне со неговиот бугарски колега Николај Милков, при што заедно заеднички ќе го посетат повредениот македонски државјанин, кој беше физички нападнат во четврток во Охрид, соопшти вчера МНР.

Посетата ќе биде искористена, како што велат од МНР, за да се разменат мислења меѓу двајцата министри за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации.

Инаку, засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство за процедурата по која македонскиот државјанин Пендиков ја напуштил државата, а од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.

-Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице, велат од Обвинителство за МИА.

Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ вчера за ТВ Телма рече дека е преседан начинот на којшто 22-годишиот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети од Охрид е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите.

-Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.

Лицето е осомничено како сторител на кривично дело, но и во таа постапка, додава Тугефчиќ, имајќи го предвид настанот што го предизвика вниманието, не знам дали јавниот обвинител во тој контекст побарал од судот за лицето да бидат определени мерки за обезбедување присуство токму за спроведување на оваа постапка.

Полицијата во петокот приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.

Инцидентот го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.

Поврзани новости