Османи во ОН: Човечките страдања во Украина мора да престанат

by fokus

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска говореше на 11-тата Специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк каде упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина.

Во своето обраќање, Османи испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност.

– Денес е Украина, утре може да биде која било наша држава која се потпира на правилата и принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН ја смета како неспорна гаранција за независност, суверенитет и територијален интегритет на земјите. Руската Федерација ги прекрши овие фундаментални принципи, кои сите ги негуваме и за кои сите се согласуваме, без оглед на разликите меѓу нас, рече Османи, инфомираат од МНР.

Османи јасно порача дека не може во 21 век да се прифатат „сферите на влијание“, објаснувајќи дека тоа е концепт за предизвикување конфликти, како што e случај со Украина. Потенцираше дека е недозволиво една држава со сила да ги менува границите на својот демократски сосед, да ја уништува нејзината инфраструктура и да предизвика неподносливо страдање на цивилното население.

– Не можеме да дозволиме или да признаеме освојување на територии со војна и смешно организирани референдуми на окупирани територии. Не можеме да прифатиме владеење со сила и најсилните да одлучуваат за судбината на другите народ“, рече Османи.

Поврзани новости