Наша стратешка определба останува интеграцијата во ЕУ и НАТО, продолжуваме да работиме на реформите, усвојувањето и спроведувањето на европските правила и стандарди за приближување на земјата кон ЕУ и конечно отпочнување на преговорите за полноправно членство во Унијата, заклучи вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба со министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања во Владата на германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, Штефан Холтхоф-Пфорнер.
– Одличните билатерални односи меѓу нашите земји се очигледни на повеќе нивоа, иако најактуелна во изминатиов период беше поддршката за нашите европски интеграции, особено гласната поддршка за време на октомврискиот самит, па слободно можам да кажам дека во Германија гледаме партнер во целокупниот евроинтегративен процес, истакна Османи на средбата.
Тој посчи дека напорите на Германија за поддршка на земјава се очигледни и преку Берлинскиот процес, кој се покажа како суштинска платформа за регионалната соработка на земјите од Западен Балкан, но не е помалку значајна и билатералната помош која Северна Македонија ја добива преку директна финансиска и техничка помош за националните институции и за реализација на регионалните иницијативи.
Како што информира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата се разговарало за прашањата поврзани со текот на европската интеграција на земјава, како и за билатералната соработка меѓу двете земји во контекст на европската интеграција, билатералната помош и трговската размена меѓу двете земји, а биле разгледани и можностите за понатамошни иницијативи за унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Германија. МИА