Османи: Во 2019 ние немавме проблем, Албанија имаше

by fokus

Неформалното политичко групирање на Албанија и на Северна Македонија е во интерес на двете држави, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можно одвојување на Албанија од пакетот.

– Овие процеси се циклични, денеска Албанија нема проблем, Северна Македонија има, меѓутоа во 2019 година беше обратна ситуацијата, ние немавме проблеми, Албанија имаше проблем. Доколку краткорочно гледаме, можеби ќе имаме одреден интерес за еден чекор во процесот, меѓутоа долгорочно сметам дека со регонална динамика двете држави ќе добијат.

Затоа сметам, ако е ова аргумент плус, за убедување на албанските државјани, на албанската Влада, дека неформалниот регионален пристап е во интерес на двете држави, па и на регионот во целина. Но, Албанија има право да бара такво нешто бидејќи процесот е индивидуален, појасни министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој очекува конструктивни разговори со новата Влада во Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања што ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот.

На денешната прес-конференција Османи, во одговор на новинарско прашање дали е закажана средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков, појасни дека предвидено е интензивирање на комуникацијата уште во првите денови и недели од оваа година.

Сепак, потенцира,треба да се изгласа новата влада во Собранието, за потоа да може формално да се остварат средби на идниот премиер, па и на претставниците на Владата. Во меѓувреме, посочи шефот на дипломатијата, ќе се работи на подготвителни активности за остварување на тие активности веднаш после формирањето на новата влада.

– Целта на посетата, односно на таа средба е враќање на односите во еден нормален, европски, евроинтеграциски колосек, враќање на довербата и заеднички ангажман во надминување на овој предизвик пред кои нашите односи се соочени, рече министерот Османи на денешната прес-конференција на која говореше за нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

Поврзани новости