Обезбедувањето на услови кои ќе гарантираат дека жените имаат значаен удел во одлучувањето, вклучително и во политичкиот и во безбедносниот сектор, е од исклучителна важност за стабилноста во регионот на ОБСЕ кој се соочува со најсложениот безбедносен предизвик како што е воената агресија на Русија врз Украина.
Токму затоа, Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ како еден од клучните приоритети ја постави родовата еднаквост во сите три димензии на ОБСЕ – безбедносната, економската и човековата.
Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Штуловиот Универзитетот во Тетово, на отворањето на Конференција за родова еднаквост и јакнење на положбата на жените, организирана во рамки на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година и прва конференција на ОБСЕ за родова еднаквост.
„Основањето на оваа институција во земјата даде можност да се зајакне еден од основните акцелератори за подобрување на улогата на жените и девојките – тоа е пристапот до високото образование, кое служи како основа за нивно поголемо вклучување во општествените и процесите за носење одлуки“, рече Османи.
Тој истакна дека ОБСЕ ќе ја продолжи својата теренска работа во насока на понатамошно унапредување на родовата еднаквост и зајакнувањето на положбата на жените со поддршка на земјите-учеснички и институциите на ОБСЕ, а дел од успешните иницијативи ќе бидат претставени и во рамки на Конференцијата.
„Како приоритети на нашата теренска работа, продолжуваме со поддршка за поголемо учество на жените во градењето на мирот и безбедноста преку нивно директно вклучување на преговарачката маса и во мировните процеси. Ќе се осврнеме на влијанието на корупцијата врз жените и како таа го попречува искористувањето на нивниот целосен потенцијал во општеството и економијата. Ќе бидат презентирани начини како да се зголеми политичкото учество на жените и да се надминат пречките со коишто жените се соочуваат при пристапот до процесите во кои се носат одлуки. Истовремено, ќе дискутираме какви активности се потребни за справување со структурната дискриминација и родовото насилство, вклучително и онлајн вознемирувањето“, рече Османи.