Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека Законот за јазици нема да се ревидира и оти препораките на Венецијанската комисија се однесуваат на недостигот на капацитети во институциите за негова целосна имплементација.
– Основната идеја на препораките на Венецијанската комисија е недостатигот од капацитети во институциите за целосна имплементација на сите одредби на Законот да не влијае врз другите процеси, на пример во судството, да не влијае во одложување на судските процеси, некој да го злоупотреби Законот за одложување на судски процеси итн, рече Османи.
Според него, не смее да се дозволи Законот за јазици да ризикува некој друг важен процес во државата, особено правната држава.
– И затоа одлуката е дека Законот нема да се ревидира, нема таква препорака од Европската комисија, туку преку акциски планови, преку работните групи треба во оваа транзиторна фаза додека законот не влегува во сила, а тоа е една година после негово донесување, да се подготват овие капацитети со цел да нема влијание врз другите процеси, рече Османи.
Посочи дека ќе продолжи работата во создавање капацитети, но оти изборниот процес ќе предизвика ограничување во тој процес.
– Меѓутоа, очекуваме разбирање од сите дека сепак ова е револуција во употребата на јазикот во институциите, и затоа барам разбирање од сите се додека не се создадат сите капацитети за да се имплементира. Кога ќе почне неговото целосно имплементирање, сите ќе видиме дека всушност само придонело до зближување меѓу луѓето и до зближување до заедниците, оцени вицепремиерот.