Османи: Тошковски лошо ја интерпретирал изјавата на Брисел за пасошите, одлуката ја носи секоја земја одделно

by Fokus

Министерството за надворешни работи нема добиено официјален допис од Европската Унија дека ќе дозволи движење на нашите граѓани со пасоши со старото уставно име, изјави денеска министерот Бујар Османи. Тој појасни дека одлуката за ова прашање ја носи секоја земја одделно. Со оваа изјава, Османи го демантира министерот Панче Тошковски, кој денеска изјави дека добил допис од ЕУ дека ги признава нашите стари пасоши

Според Османи, станува збор за лоша интерпретација на министерот за внатрешни работи.

„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на Европската комисија е дека Комисијата не носи одлука којашто важи за целата Европска Унија, туку тоа е суверено прашање на секоја од државите“ рече Османи.

Досега, како што кажа тој, Швајцарија (која не е членка на ЕУ) има донесено став за кој ја известила нашата страна со нота, дека ќе признава влез со старите пасоши, додека Босна и Херцеговина формално известила дека нема да дозволува влез на нејзина територија за наши граѓани со пасоши со старото уставно име.

Другите земји, вели шефот на дипломатијата, во моментов повеќе практично се поставуваат во врска со ова прашање и дека нашите граѓани немаат поголеми пречки при враќањето дома.

Па бидејќи нема официјално известување, Османи вели дека не може граѓаните да ги информира каде можат да патуваат со стари патни документи. Тој смета дека е подобро да не се ризикува и ги повика граѓаните во земјата во која се наоѓаат да извадат патен лист за да можат без проблеми да излезат од таа држава.

„Она што е проблем е кога македонски државјанин ќе влезе во земјава со пасош со старото уставно име не може потоа да ја напушти затоа што нашиот закон не го дозволува тоа“ вели министерот.

Ваквиот проблем, според него, не може да се реши со промена на Законот за патни исправи, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа би значело кршење на Уставот.

Поврзани новости