Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека Србија не може да биде дел од НАТО, се додека ги нарушува вредностите на кои е изградена НАТО.
Коментирајќи ја изјавата на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, дека Србија „моментално е многу поблиску до НАТО отколку Косово“, Османи рече дека има само една земја која е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија.
„Има само една земја која е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија на Путин. Земја како Србија, која постојано ги крши главните вредности на кои стои НАТО, а тоа се заштита од авторитарни сили, заштита од земји кои ги крши основните правила на меѓународното право, како што е Србија, не само што е далеку од НАТО, туку не може ни да сонува дека еден ден ќе биде дел од НАТО“, рече Османи.
Таа додаде дека Србија е земја која сè уште „спие на масовни гробници“.
„Секој што мисли дека Србија е блиску до НАТО ги навредува не само земјите членки туку и жртвите на Србија на Милошевиќ“, рече Османи и додаде дека „Србија е земја која изврши акт на агресија врз Република Косово пред неколку месеци и постојано се обидува да ја уништи Босна и Херцеговина одвнатре, а истото го прави и со Црна Гора“.