Османи со осуда за изјавите на Јотова: Тоа не носи ништо добро за нашите две држави!

by Fokus

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на настан во Софија ја обвини земјава дека не запира со јазикот на омраза кон Бугарија, изразувајќи песимизам дека во Скопје има волја за продолжување на промените во однос на евроинтегративниот процес.

Во нејзиниот говор, од кој делови може да се прочитаат во соопштението објавено завчера на официјалната веб-страница на претседателот на Бугарија, Јотова употребува изрази како „северномакедонски Устав“ и „таканаречена македонска нација“.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денеска доби прашање дали ќе има некаква реакција од македонска страна во врска со нејзините наводи. Тој го осуди начинот на кој истапува Јотова, претходно потсетувајќи дека односите меѓу Бугарија и Македонија често беа жртва на внатрешните политички динамики во Бугарија.

„Знаете дека најголемата криза во односите се случи околу, пред, после изборите таму и секогаш одредени политички актери се обидуваа ова прашање да го користат за добивање на политички поени. За жал потпретседатлката што ја споменавте предничеше во една таква кампања против Република Северна Македонија против македонскиот народ во обид да си создаде сопствен политички профил. Можам само да го осудам таквиот начин кој не носи добро ниту на Република Бугарија, ниту на односите помеѓу нашите две држави кои што се НАТО-сојузници“ – изјави Османи.

Јотова на свеченоста на софискиот универзитет истканала дека политичарите во Скопје не покажуваат ниту желба, ниту консензус за соработка.

„Северна Македонија не покажува знаци за запирање на јазикот на омраза кон Бугарија. Злобата кон сè бугарско, која расте и поминува неказнето, е неприфатлива и недостојна, и престана да биде двострано прашање. Јазикот на омраза на Република Северна Македонија кон Бугарија сега е европско прашање“ – рекла Јотова.

Поврзани новости