Најдобро е Никола Груевски да биде во Северна Македонија, од безбедносен аспект, бидејќи станува збор за човек кој знае се за земјава, а е во друга држава, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Од политички аспект, има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, но од безбедносен аспект да имате премиер кој ви бил премиер 10 години и ги имал сите информации за државата, а е во рацете на друга држава тоа не е паметно за било која држава – рече Османи за ТВ 21.
Сепак, според него, нема иницијатива Груевски да се врати.
-Најдобро е да е овде и да се справува со судските процеси што ги има. Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв што ние не го разбираме – истакна тој.
Во однос на тоа, реагираше Изет Меџити, претседател на Демократско движење, кој рече дека се потврдуваат нивните сомнежи, кога јавно прашаа дали Османи го посетил Груевски во Будимпешта и дали тоа го направил приватно или службено.
-Иако лично мислев дека ДУИ во 2016 се раздели со режимот на Никола Груевски, Османи докажа дека тајно одржувале комуникација и си помагале и се докажа дека работат на враќање на Груевски. Затоа го сменија Кривичниот Законик, затоа зборуваат за законот за амнестија, само да биде во функција на враќање на Груевски. Дали се подготвуваат да го вратат во Скопје на 23 октомври, денот на ВМРО?, праша тој.