Османи: Силно ја поддржуваме аспирацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО

by Fokus

Северна Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата, истакна денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи пред почетокот на неформалниот министерски состанок на земјите членки на Северноатлантскиот пакт во Берлин.

– Имаме теми од суштинско значење и убеден сум дека сите сојузници ќе покажат единство за сите нив, бидејќи тоа е од клучно значење со оглед на менливата безбедносна состојба. Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, силно ја поддржува политиката на отворени врати, а со тоа и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата што претставува важен чекор за севкупната евроатлантска безбедност, изјави Османи.

Исто така, нагласи Османи, Западниот Балкан ќе биде неизбежен дел од идната европска безбедносна архитектура.

– На тој начин политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ како два главни столба на кои таа се потпира, ќе бидат дел од новиот стратешки концепт, смета министерот Османи.

Фокусот на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин е на руската воена инвазија врз Украина и потенцијалните импликации од војната врз сојузниците, како и претстојниот самит на лидерите на Алијансата во Мадрид.

На состанокот се поканети да учествуваат и министрите за надворешни работи на Финска и Шведска, кои ќе информираат за најновиот развој на настаните, придобивките и импликациите врзани со можното идно членство на овие две земји во Алијансата.

На маргините на состанокот Османи вчера имаше билатерални средби со министрите за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ.

Поврзани новости