Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Брисел заедно со Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, учествуваше на неформалниот состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на грчкото претседавање 2021-2022.
На состанокот во рамки на овој регионален формат, се вели во соопштението од МНР, шефовите на дипломатиите дискутирале за приоритетите на грчкото претседателство, претставени со мотото „Зајакнување на синергиите во земјите на ЈИЕ“.
– ПСИЈЕ е клучен фактор во евро-интегративните аспирации на сите земји партнери, која како една од најстарите регионални иницијативи дава огромен придонес во обезбедувањето на траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа, истакна Османи, се вели во соопштението од МНР.
Османи, во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето на заеднички и координирани мерки за унапредување на севкупните односи меѓу државите, истовремено, алудирајќи и на очигледните предизвици кои постојат меѓу овие земји кога се зборува за партнерствата, меѓусебната поврзаност, синергиите и заедничката иднина.
– Северна Македонија како земја-членка на НАТО е многу поотпорна во споредба со минатото, политичката криза што уследи по нашите локални избори, сепак, зборува за одредена ранливост и промени во нашето општество. Секако, основните причини за сите овие негативни трендови се од вистинска природа, но нивниот забрзувач, или катализатор, лесно може да се антиципира во фактот дека ослабената перспектива за европска интеграција предизвикана со повторниот застој во процесот има реперкусии врз стабилноста и просперитетот, нагласи Османи.