Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека Договорот од Преспа е заемно корисно решение, а имплементацијата ќе создаде политичка и економска стабилност во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
-Земјата ќе влезе во НАТО, ова ќе создаде политичка стабилност, а политичката стабилност носи економска стабилност. Во продолжение ќе го подобриме економскиот просперитет на граѓаните во регионот. Целиот регион ќе се движи со брз ритам и со тоа веќе нема да постои “црна дупка” во овој дел од Европа, што би можел да биде потенцијално место за конфликти и војни, вели Османи, кој додава дека значајно ќе се подобри и билатералната соработка, објаснувајќи дека од потпишувањето на договорот, за 18 отсто е зголемена билатералната трговија.
Според вицепремиерот, Договорот од Преспа ќе помогне и во меѓуетничките односи во внатрешноста на земјата.
Прашан за реакциите што постојат и од двете страни на границата, Османи вели дека фактот што постои противење за договорот со слична фразеологија и во двете земји покажува дека договорот е симетричен и додава дека ако беше во корист на само едната страна и не беше win-win решение, тогаш ќе има огромни реакции во едната земја, а помалку во другата.
Говорејќи за процесот кај нас, Османи вели дека тоа не било воопшто лесна процедура, туку сложен процес за кој никој не бил сигурен дали ќе има успешен завршеток.
-Имавме двајца харизматични лидери во земјата, господинот Заев и господинот Ахмети, од двете етнички заедници, но и искрена помош од меѓународната заедница, од Европската унија и Соединетите Американски Држави, кои на некој ја создадоа оваа формула на успех на процесот и многу сум среќен што го завршивме и го отстранивме овој огромен “камен” од вратот што ни пречеше да напредуваме во изминатите 27 години, истакнува Османи и додава дека е во исчекување успешно да заврши процесот и во Грција за да стапи на сила договорот.
Османи смета дека со решавањето на спорот, придобивки има и за двете страни – Грција ќе има водечка улога за интеграција на земјите од регионот во Европската унија, а Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ.
Во однос на ставот на Русија и можноста Москва да создаде проблеми во имплементацијата на договорот, Османи вели дека „сега е веќе доцна“, бидејќи процесот е доста зрел за некој да се обиде да направи пресврт.
-Една од причините што инсистиравме на забрзување на процесот за влез во НАТО е за да се спречат овие геополитички конфликти за влијание во регионот каде што колатералната штета ќе беше токму на регионот и луѓето што живеат тука. Затоа, и покрај тоа што сакаме да имаме добри билатерални односи со Русија, пораката е дека припаѓаме во евроатлантското семејство на вредности и амбицијата на другите геополитички сили да влијаат во овој регион е завршена, објаснува Османи за АНА-МПА, пренесе МИА.