Османи: Се залагам за еднаква држава за сите

by Fokus

Кандидатот за европски претседател на Република Северна Македонија, Бујар Османи се залага за еднаква држава за сите, каде што и покрај ограничената моќ, како иден претседател ќе стане авторитет кој ќе ги обедини различните политички и етнички наративи и активен адвокат на правата на граѓаните, во борба против било која форма на дискриминација. На јавната дебата по повод одбележување на 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите, Османи истакна дека целта на Европскиот Фронт е да ја претвори Охридскиот рамковен договор во политичко движење.

“Одбележувајќи го овој ден, стојам пред Вас, не само како кандидат за претседател на Република Северна Македонија туку како еден посветен адвокат на создавање на еднаква држава, со еднакви можности за сите граѓани” рече меѓу другото кандидатот за прв човек на државата, образложувајќи дека разликата меѓу едно општество за сите и еднакво општество за сите е дека во првиот концепт најбројните ќе доминираат додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите.

Османи ја опиша ситуацијата на која се наоѓаат Ромите и презентираше конкретни решенија за подобрување на нивната позиција, меѓу кои ангажирање на главен советник во кабинетот на претседателот за ромските прашања, создавање на механизми за пристап на Ромите до здравствените услуги со фокус превентивно здравство, задолжително пред-школско образование со што државата да обезбеди доволно градинки, воведување на програма за професионална обука на Ромите за стекнување вештини компатибилни со пазарот на трудот со цел намалување на невработеноста итн.

“Овој ден е ден кога не треба да ги ублажиме ставовите, тука да ја кажеме реалноста. Ромите имаат помал животен век, отколку другите етнички заедници. Ромите имаат поголема смртност на новороденчиња. Ромите имаат многу повеќе хронични заболувања отколку што имаат другите етнички заедници. И тоа не е генетика. Тоа се само услови коишто ги создава државата за пристап до превентивна нега, здравствени услуги. Тоа мора да се констатира. Ромите се дискриминирани” рече Османи.

Со свое обраќање претседателката на партијата, Унијата на Ромите, Фатима Османовска ја пренесе оптимизмот дека со Бујар Османи и Европскиот Фронт, гласот на Ромите ќе биде слушнат.

“Искрено многу верувам дека овој глас што тргнува од нас не само што ќе биде слушнат, туку ќе биде ставен и во програмата на идната влада и ќе биде реализиран. Верувам дека оваа ќе биде преточено во една политика владина и дека конечно, после 4 години на 8-ми април ќе може да говориме што сме направиле. Верувам во заложбите на претседателот иако е мала моќта на претседателот, сепак верувам на моќта на индивидуата и авторитетот што го има. г.Бујар има авторитет стекнат низ своето политичко досегашно искуство за да може да го пренесе гласот на нас како заедница” рече Османовска.

На дебата учествуваа и кандидатката за пратеничка на Европскиот Фронт, Дијана Тоска која ја истакна потребата за повеќе заложби за надминување на бариерите меѓу етничките заедници и претседателката на комисијата за еднакви можности, Имране Морина која побара поголемо и поактивно вклучување на сите заинтересирани страни кон јавните политики, според нејзе, битно за успешна држава.

Поврзани новости