Со автомобил-бомба на 14-ти февруари бил планиран атентат врз министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој како претседавач со ОБСЕ, тогаш беше во посета на Молдавија, објави молдавскиот портал „Реалитатеа“, пренесе Канал 5.
Министерството за надворешни работи нема информација дали навистина бил подготвуван атентат врз шефот на дипломатијата, Бујар Османи за време на минатомесечната посета во Молдавија, како претседавач на ОБСЕ.
Вчера, дел од молдавските медиуми објавија дека наводно бил избегнат атентат врз Османи, кој со 20 члена делегација престојувал во Тираспол, кој е главен град на Транснистрија – регион отцепен од Молдавија.
Според информациите, нападот требало да биде извршен со автомобил бомба во момент кога колоната возила на ОБСЕ поминувала крај тврдината Тигина. Медиумот објави и видео снимка направена во тролејбус кој наводно ја направил еден од осомничените, а на која се гледа како возилата влегуваат во замокот.
Освен снимката како доказен материјал, властите го поседувале и неговиот телефонски разговор, во кој агентот зборувал за нападот.
По осуетениот обид за атентат, делегацијата наводно требала да биде нападната на пат кон главниот град на Молдавија, Кишињев, но атентаторите се откажале од идејата.
Властите во Тираспол го обвинија Киев, односно Службата за безбедност на Украина, додека Украина категорично ги отфрли обвинувањата со предупредување за „Сценарио на Кремљ“.
Во Транснистрија живеат и Руси, Украинци и Молдавци, а голем дел од населението се смета за лојално на Москва. Во областа се стационирани повеќе стотици руски војници.