Османи се налути за нападот на секретарот на „Цар Борис Трети“ во Охрид

by Fokus

Најголемиот квалитет на оваа држава, кој макотрпно го изградивме е мултиетничката функционална демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитувањето на вредностите на другиот и нема да дозволиме никој поради политички или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во коментар на вчерашниот напад врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид.

– Сакам да ја искористам оваа можност остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои што извршиле физички напад поради етнички, културен или било кои идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија, нагласи Османи.

Османи нагласи дека за ова прашање утрово телефонски разговарал и со неговиот бугарски колега, додавајќи дека напаѓачите се веќе идентификувани и се работи на нивно изведување пред лицето на правдата.

– Мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземат мерки, никогаш повторно да не се случи тоа, изјави Османи, додавајќи дека нема никакво оправдување за физичко насилство.

Поврзани новости