Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска преку видео-обраќање ја отвори Конференцијата на човековата димензија на ОБСЕ што се одржува во Варшава.
Како што истакна Османи во своето обраќање, оваа Конференција има за цел да ја оцени имплементацијата на заложбите на ОБСЕ од страна на земјите-учеснички во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото и да понуди конкретни решенија за иднината.
„Руската воена агресија врз Украина е нашиот најголем тест дали можеме да успееме да ги оствариме нашите заеднички заложби. Сведоци сме на постојано насилство, дискриминација и нееднаквости низ целиот свет. Гледаме закани за слободата на изразување, мирното собирање и здружување. Гледаме напади врз владеењето на правото и ерозија на демократските институции. Овие предизвици се влошуваат со новите закани како што се влијанието на новите технологии врз приватноста и ефектот на климатските промени врз социјалната еднаквост“, рече Османи.
Овие предизвици можат да бидат надминати заеднички, преку давање на клучно место на граѓанското општество во овие напори. Токму затоа, граѓанското општество и поддршката на нивната работа е еден од главните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата, рече Османи.
„Граѓанските организации се во првите редови во застапувањето за човекови права, демократија и владеење на правото. Тие обезбедуваат перспективи и независни проценки и извештаи за прашањата поврзани со слободата на медиумите, изборните процеси и малцинските права и ги повикуваат владите да покажат одговорност. Тие му помагаат на ОБСЕ и се клучен партнер во идентификување и креирање на конкретни мерки на терен“, истакна Османи во своето обраќање, додавајќи дека нивните размислувања се голема поддршка за заедничките напори чија крајна цел – да ги направи општества безбедни, сигурни, слободни, демократски и праведни.
Еден од клучните резултати на Конференцијата ќе биде идентификацијата на областите каде што земјите-учеснички на ОБСЕ можат да ја подобрат својата имплементација на обврските кои пред сè ќе значат подобро секојдневие за граѓаните, без страв од војна, угнетување или замолчување, рече Османи.
„Во срцето на секое движење за човекови права е верување дека секој поединец, без оглед на неговото потекло или околности, поседува вродени права и достоинство. Овие права се универзални, неделиви и меѓусебно зависни. Тие не се апстрактни, туку се основата на мирни, функционални, инклузивни општества“, рече Османи.