Во својство на Претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамки на 78-то Генерално собрание на ОН кое оваа недела се одржува во Њујорк.
Османи на почетокот на своето обраќање се заблагодари на албанското претседателство со Советот за безбедност за месец септември, истакнувајќи дека комбинираното присуство на Северна Македонија и Албанија во ОН, кога се одбележуваат 30 години од соработката помеѓу ОН и ОБСЕ, е силен знак на посветеност и одговорност од две балкански држави, соседи и партнери, кои претседаваат со двете клучни мултилатерални платформи.
Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи повторно се осврна на агресивната војна на Руската Федерација против Украина, истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.
„Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски кои беа напишани и потпишани од истата Русија која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа, влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија“, рече Османи.