Во просториите на Секретаријатот за европски прашања, денес се одржа работна средба меѓу вицепремиерот Бујар Османи и Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.
„Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажа со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција. Тоа се потврди на последователните самити во Виена и Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела“, истакнал Османи.
Османи посочил дека спроведувањето на реформите и регионалната соработка за интеграција во ЕУ се двете паралелни траектории по кои се движи работата на новата Влада, и дека враќањето на патот кон ЕУ е неопходно, бидејќи евроатлантските интеграции на земјата остануваат стратешки приоритет на Владата.
Двајцата соговорници изразиле оптимизам дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен, и дека со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ.