Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Градскиот парк ја промовираше иницијативата „Зелена дипломатија – новото нормално“.
-Не случајно се наоѓаме во Градскиот парк, во една убава, пријатна и зелена атмосфера, во амбиент којшто асоцира на нашиот проект што ќе го лансираме денеска, а тоа е дека Министерството за надворешни работи станува зелено. Свесен сум дека темата не е дневнополитички актуелна, но во меѓународните односи се наметнува како најважното прашање за иднината на светот. И тука не се работи за некоја апстракција. Во својот извештај Обединетите нации ги вбројуваат пожарите и поплавите како најважните последици на климатските промени – истакна Османи.
Тој ги презентираше проектите преку кои ќе се спроведува оваа иницијатива, при што, информираше дека ќе биде назначен климатски амбасадор чии надлeжности ќе бидат промовирање на домашните и меѓународните политики за зачувување на животната средина.