Вицепремиерот за евроинтеграции и висок партиски функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во изјава за ТВ21 претстави нова „платформа“ за тоа како треба да изгледаат постизборните преговори за коалицирање на партиите на Албанците во Македонија.
Ставот доаѓа во предвечерјето на стартот на формалните разговори за формирање на нова влада, по изборите на кои ДУИ освои 15 пратеници.
Според Османи, ДУИ предлага т.н. „пет главни столба“ кои би ги прифатиле сите партии на Албанците во Македонија. Тие се:
1. На изборите не се тркаме со повеќе од две листи;
2. Партијата која ќе добие глас повеќе, зборува во име на Албанците во другите општини;
3. Партиите и пратениците кои имаат глас помалку, даваат поддршка на првата партија која за стратешките линии ќе зборуваат во името на сите пратеници Албанци, а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор;
4. Пратениците на партиите кои не победиле, не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006);
5. Можност за соработки во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии.
Поедноставено, Османи предлага на изборите да настапуваат најмногу две партии или две коалиции на партии на Албанците, веројатно со цел да не се „раситнуваат“ гласовите. Понатаму, ДУИ посакува само тој што ќе победи да води преговори за формирање на влада а вториот да не се меша. На крај, се предлага опозицијата кај партиите на Албанците да дава поддршка на владејачката партија на Албанците за „стратешките линии“, а да критикува за дневно политички прашања.
-Многу е важно да се согласиме за оваа албанска платформа во политичката трка која треба да биде постојана за албанската политика, вели Османи.