На една година од руската инвазија врз Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.
Оваа отворена дебата доаѓа по вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, каде Претседавачот Османи исто така имаше свое обраќање.
На седницата на ОН беше усвоена Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина. Во тој контекст, пред Советот за безбедност Османи истакна дека Северна Македонија ја поддржува оваа резолуција и е меѓу нејзините главни ко-спонзори. За зачувување на мирот и безбедноста, рече тој, потребна е максимална акција за придржување кон меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.
Тој во своето обраќање уште еднаш се осврна на нашата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници. Ја обвини Русија за постојаните напади во урбаните области, оставајќи ги цивилите и градовите без пристап до основни човечки потреби.
„Досегашните истраги во повеќето нападнати градови во Украина водат до заклучок дека се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече Османи, споменувајќи и извршена сексуална злоупотреба и насилство врз жени и девојчиња, што е сериозно кршење на меѓународните човекови права.
„Сторителите на овие злосторства мора да одговараат и да бидат изведени пред лицето на правдата“, потенцираше Османи.
„Го делиме ставот дека Меѓународниот кривичен суд е составен дел од мултилатералната архитектура која го поддржува владеењето на правото. Таа е централна институција во борбата против неказнивоста и потрагата по правда“, рече Османи во своето обраќање.
На крајот на своето обраќање, Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната.
„Мора да го вратиме мирот и мора да надвладее одговорноста! Тие што направиле злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, заклучи Османи.