Османи потврди дека има индиции за руско влијание врз политичкиот живот во државава

by Fokus

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во одговор на прашање на брифингот со новинарите, потврдно одговори дека има сознанија и индиции за руско влијание врз политичкиот живот во земјава преку одредени извори за финансирање.

– Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителни информации во однос на случувањата во нашата држава, но од нашите анализи од нашите институции има такво нешто и тоа е комуницирано и констатирано во неколку наврати, дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Република Северна Македонија, но тие прашања ќе ви ги одговорат инстицутиите што се надлежни за тоа, одговори Османи.

Тој, меѓутоа, во текот на брифингот одговарајќи на прашање за најавите на Левица за распишување нова иницијатива за референдум, одговори дека негов личен став е дека тие не се македонска партија, туку, како што рече, партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД.

-Мислам дека на државата нема да и направат многу штета затоа што има поширок консензус за правците по кои таа се движи, но на народот што го претставуваат може да му направат многу штета обидувајќи се да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Не треба да паднеме на таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, а потоа и кон другите граѓани и кон државата, вели Османи.

Поврзани новости