Нашите кандидати за градоначалници добија доверба од безмалку 130 илјади гласови во првиот круг на локалните избори, а советничките листи од над 10 илјади гласови, истакна портпаролот на ДУИ Бујар Османи.
-Покрај партиската поддршка, тоа говори и за нивниот личен кредибилитет и популарност меѓу Албанците. Оваа доверба од граѓаните резултираше со освоени три градоначалнички места уште во првиот круг во Липково, Сарај и Пласница, но и значителна доверба кон нашите кандидати која се отсликува преку предност во поголемиот број општини со која влегуваме и во вториот круг – рече Османи.
Тој ги повика граѓаните да го поддржат скопскиот градоначалник Петре Шилегов за уште еден мандат.
-Скопје е денес град кој несомнено покажува дека еднакво се грижи за сите негови граѓани. Во овие четири години видовме дека приоритет на градот можат да бидат и реоните каде живеат Албанци, видовме развој на досега неправедно запуштените реони на градот, видовме што значи да се гради мултикултурен град, со почит и кон јазичното шаренило, почит кон образованието на мајчин јазик, воопшто како се гради доверба меѓу сите граѓани на Скопје – рече Османи.
Воедно, тој порача дека нема ниту ново парламентарно мнозинство, ниту потреба од предвремени парламентарни избори, туку, според него, парламентарното мнозинство ќе се прошири.