Изборниот ден помина во мирна, слободна и фер атмосфера, а граѓаните уште помасовно излегоа да ги избираат претставниците кои ќе ги водат локалните самоуправи во следните четири години, оцени Бујар Османи од ДУИ во првата изјава од партијата по затворањето на гласачките места.
Османи упати „честитка за вистинска победа на сите нас, на граѓаните, на институциите, на сите нас кои учествувавме во изборниот процес“.
-Одлуката на гласачите е информирана, автентична и политички целосно легитимна. Им честитам на сите избрани претставници на локалната власт. Имавме навистина успешни избори. Северна Македонија потврди дека е зрела демократија, земја која не случајно е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија. Ќе треба направиме анализи, но граѓаните беа охрабрени за време на изборите во првиот круг, но потоа имаше поларизација и кај македонскиот и албанскиот блок, но генерално има добар одзив во зависност од општините, рече Османи.
Тој додаде дека тенденцијата од првиот круг продолжила, и граѓаните дале силна поддршка за Зелената агенда на ДУИ.