Османи: Ова е магична формула, државјанството ќе биде македонско/државјанин на Република Илинденска Македонија

by fokus

Предлогот Република Илинденска Македонија е магична формула, која во себе ги вклопува сите коцки во еден успешен мозаик, смета вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи.

Тој вечерва во емисијата Топ тема за Телма нагласи дека во целиот процес мора да се прави дистинкција меѓу суштината и формата.

– Мора да направиме разлика меѓу суштината и формата. Суштина е какво е, форма е колку и каде ќе се имплементира и согласно тој концепт беше новиот предлог. Ако има добро решение не е важно колку и каде ќе се употреби. Сметам дека тој предлог беше таков, инклузивен е за сите чинители во општеството – политички, партиски, етнички и ги овозможува двете основни барања на Грција јасна дистинкција со нивниот региони и можноста за севкупна употреба, рече Османи.

Нагласи дека ова се ставови блиски на владите во двете држави, а за прашањето не решаваат само владите, туку и опозицијата граѓаните и просецот сега е во фаза на консултација со останатите чинители.

Додаде дека ова не е конечно решение, туку усогласен став на владите дека може да биде конечно решение.

Османи истакна дека додека не се договори се во процесот на преговорите, ништо не е договорено.

– Доколку отпадне едната опција од сите седум го растураме целиот пакет. Овој пакет, како што сега е поставен  може да успее и сметаме дека се уште има шанси во двете земји…Ако еден момент во пакетот се измени се менува целиот пакет. Ако прифатиме друг предлог ќе мора да почнеме нови преговори за целиот пакет. Со ова и Албанците прават компромис и очекуваме и Грците да направат компромис, додаде тој.

Додаде дека доколку има потреба од дополнителни гаранции за тоа треба да се разговара.

Османи нагласи дека двете страни стигнале до најдалечна точка во процесот, а враќањето назад ќе направи штета.

– Враќањето назад не значи враќање на нула, туку некаде позади нула. Не смееме да ја испуштиме оваа златна шанса, додаде Османи.

Појасни дека во договорениот пакет јазикот останува македонски, а државјанството македонско/државјанин на Република Илинденска Македонија.

Поврзани новости