Министерот за надворешни работи, Бујар Османи е изненаден од реакциите по објавата дека Македонија е меѓу 17 држави кои ја коспонзорираа Резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година.
„ Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзано со која било припадност. Во 2010 година нашето Собрание има донесено одлука за Сребреница кога ја прифати Резолуцијата на Европскиот парламент. Како држава никогаш не сме имале дилема за тоа што се случило во Сребреница, кога во еден ден се убиени 8.372 цивили и тоа не може да се нарече поинаку. Најголемите критики во текот на вчерашниот ден беа дека ова е обид на министерот за надворешни работи да нè скара со пријателска Србија. Напротив, оваа не е поврзано со Србија, не е поврзано со српскиот народ, бидејќи осудувањето на геноцидот ги надминува било каквите дипломатски врски и односи помеѓу двете држави и народи“ рече Османи.
На новинарско прашање дали Владата ја донела таа одлука, Османи рече дека самиот одлучил.
„Јас ги носам тие одлуки како министер и сум дал инструкција на нашиот амбасадор во ОН да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата. На дневна основа поддржувам резолуции, отфрлам резолуции, гласам за држави кои се кандидираат за одредени позиции. Тие одлуки ги носи министерот самостојно како спроведувач на надворешната политика“ рече Османи.
Според Османи нема граѓанин кој нема да го осуди убиството во еден ден на над 8.000 цивили, деца и возрасни, кои како што рече, биле истребени иако биле во зона која со одлука на Советот за безбедност на ОН беше прогласена за безбедна зона.