Не е процес на окрупнување, туку раситнување на опозицијата во албанскиот блок во последните денови. Со еден чекор се фрагментираат три политички партии – БЕСА, Алтернатива и дел од ДУИ. Како структура не спорам, секој има право да се организира, но како цел, мислам дека се анахрони на правците низ кои се движи државата, изјави на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на новинарско прашање.
Тој на брифингот со новинарите рече дека станува збор за хибриден политичко-економски центар, каде што постои договор по однос три главни заклучоци.
„Првиот е меѓусебна неказнивост, односно договор меѓу политички лидери, партии или олигарси, за меѓусебно неказнување во наредниот период или меѓусебна заштита“, рече Османи.
Вториот заклучок, според Османи, е зачувување на монополскиот плен од приватизацијата и третиот е раситнување на албанската политичка сцена, поради идеја дека со окрупнување на албанската политичка сцена се ризикува политичко-економски монопол.
„Тоа се трите заклучоци коишто, според нашите информации, овој политичко олигархиски центар ги има донесено. Како структура не спорам, секој има право да се организира, но како цел, мислам дека се анахрони на правците низ коишто се движи државата, бидејќи тоа што ДУИ се обидуваше да го направи е за интегрирање. Имаше реакции како може Албанец да биде министер за надворешни работи во вакви услови. Но, нашата цел е секој да се чувствува како дел од оваа заедничка држава. Ако јас сум министер за надворешни работи, како државјанин на Северна Македонија, ќе работам без емоции, односно без никакви предрасуди, ако мислам дека е тоа државен интерес. ДУИ го постигна тоа, албанците да ја чувствуваат државата како своја“, рече Османи.
Според него за жал постои некој, кој се обидува намерата за интегрирање во унитарна државата да се претстави како ризик за доминирање, а со ова се прави лоша услуга на државата.
Тој смета дека одлуката за раситнување на албанската политичка сцена е поради фактот што одредени луѓе сметаат дека ДУИ е премногу моќна. Прашан кои се тие поединци, Османи посочи дека не може да ги соопшти во оваа фаза, но со текот на времето ќе се обзнанат.
„Во своите анализи од Центарот процениле дека ДУИ е парадигма или синоним на еднаквоста и ако треба да се постигнат овие цели, неказнивост, заштита на приватизација, треба да се руши ДУИ, односно да се создадат локални политички партии коишто ќе се занимаваат меѓу себе и нема да можат да ги ризикуваат интересите на тие олигарси. Мислам дека прво ова е штетно за нормалното функционирање и за интересите на државата, бидејќи тоа се политики на раздвојување. Основата на функционирањето на ДУИ е интегрирање. Некој се обидува да разграничи дали може Албанец да биде министер, но тоа се политики на раздвојување, а ние се обидуваме да внесеме политики на интегрирање, секој да се чувствува подеднакво. Затоа сметам дека овие политики се осудени на пропаст“ рече Османи.
Тој доаде дека ДУИ ќе продолжи кон овие политики, земјата да биде интегрирана, да биде во добри етнички односи и да напредува на економски, политички и социјален план.