Зајакнувањето на активностите на теренот ќе биде главниот приоритет на македонското претседавање со ОБСЕ, истакна Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Северна Македонија и новиот претседавач на ОБСЕ во 2023 година во своето обраќање до јавноста на првиот ден во новата година, кога официјално започнува и претседавањето на Северна Македонија со најголемата регионална организација за безбедност и соработка која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Средна Азија и Северна Америка.
„Голема одговорност и чест е да се преземе претседателството на ОБСЕ во 2023 година. Нашата цел ќе биде да се фокусираме на самите принципи на Завршниот документ во Хелсинки, во интерес на потребите на народот. Како главен приоритет на нашето претседавање, планираме да го зајакнеме нашиот фокус на теренот, кој е од клучно значење за поддршка и дополнително омоќнување на луѓето кои се крајни корисници на работата на ОБСЕ. Нашиот план е да подадеме рака на населението под влијание на конфликт, но и на другите кои имаат потреба од неа.“- потенцираше Османи.
Во своето обраќање до јавноста министерот Османи го акцентираше капацитетот на ОБСЕ за ублажување на кризата и поддршка на мирот, велејќи дека Украина ќе остане главен приоритет и клучно безбедносно прашање.
„Неодговорната и неиспровоцираната руска воена агресија против Украина ја поткопа европската безбедносна архитектура и се заканува на мирот и стабилноста на континентот и пошироко. Претседателството, исто така, ќе ги одржи суштинските функции и операции на Организацијата, осигурувајќи дека е во можност да ги поддржи регионите и да се справи со конфликтите низ регионот на ОБСЕ. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови кризи бараат постојано внимание.”- истакна Османи.
Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ, исто така, ќе се фокусира на економската соработка, клучна во потрагата по мир и просперитет на граѓаните како и на поддршката на одржливиот економски раст и еколошката соработка која е од суштинска важност за човековата безбедност.
Османи најави и дека Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ ќе посвети внимание и на младите и граѓанското општество како движечка сила за градење на живи и издржливи демократии.