На хартија се уште не сме ја виделе новата методологија за пристапни преговори со ЕУ која треба да се донесе, но според она што нашироко ни го образложи еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, таа звучи охрабрувачки, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
– Првото е дека процесот завршува со членство во ЕУ и ако ние испорачаме и ЕУ ќе испорача. Второто е политичкото управување со процесот, повеќе од едно административно -бирократско, што значи дека ние ќе учествуваме во работните тела на Унијата и пред членството. И третото е динамичност, што значи дека брзината на преговорите ќе се наметне единствено од брзината којашто ние ќе ја наметнеме, истакна Османи во интервју за „360 Степени“.
Тој нагласи дека според сознанијата во предлогот се предвидува поглавјата да бидат групирани во кластери, по неколку слични поглавја во еден кластер.
– Во моментот кога ќе се постигне високо ниво на усогласеност се отвора еден кластер, а во тој момент се отвораат и сите поглавја во рамки на кластерот, со можност во една година да се затвораат сите поглавја од кластерот доколку динамиката е добра, истакна Османи.
Сепак, според вицепремиерот за евроинтеграции, веројатно се уште се дебатира околу прашањето дали прво треба да се затвори еден кластер за да се отвори друг.
– Самиот факт што еден од принципите е динамичност, дава охрабрување дека процесот може да се забрза доколку ние покажеме волја за тоа, потенцира Османи.