Потребна се нова парадигма и нов пристап на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ), наместо досегашниот на „сè или ништо“, кој предизвикува фрустрации и кај кандидатките и кај земјите членки на Унијата. Ова го истакна шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес во Тирана, Албанија, која е актуелен претседавач со процесот.
Новата парадигма и пристап на кој се осврна Османи во своето обраќање и кон кој треба да биде преместен фокусот е повеќе интеграција пред конечно поплноправно членство во ЕУ.
„Берлинскиот процес е движечка сила за интеграцијата во ЕУ и мислам дека е важно да ја повторам потребата од поголема интеграција пред членство. Причината поради која процесот на проширување стана извор на фрустрации и за кандидатите и за земјите членки (на ЕУ) е пристапот со парадигмата ‘сѐ или ништо’ во процесот на пристапување кон ЕУ.
Кандидатите не добиваат ништо додека не станат полноправни членки на ЕУ. Овој пат е долг и непредвидлив, станува збор за подвижна мета, политичарите не се доволно мотивирани затоа што не можат да испорачаат ништо за време на својот мандат, но исто така и граѓаните не се мотивирани затоа што не ги чуствуваат бенефитите на овој пат и стануваат ранливи на малигни влијанија и фрустрации“, рече министерот за надворешни работи.
Фрустрирани од ваквиот пристап се и земјите членки на ЕУ, кои, како што рече Османи, се во конфликт и обременети од два страва – „стравот од нас и стравот да не нè изгубат“.
„Сè е околу фрустрациите креирани како резултат на само еден фокус, а тоа е полноправно членство. Затоа е потребно да го преместиме фокусот од овој моментум кон самиот процес. Еднаш реков, ако градите куќа и сте го завршиле првиот кат, не мора да го градите кровот, можете да почнете да живеете на првиот кат додека да бидат завршени вториот и третиот кат“, рече тој.