Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка.
Ова, од индиската престолнина Њу Делхи денеска го порачал министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на средбата со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.
„И покрај нашите надворешно-политички приоритети, од особена важност е интензивирањето на соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, посебно со Индија, со која нè поврзува Мајка Тереза. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји”, рекол Османи.
На средбата, како што информираа од МНР, биле поздравени пријателските односи меѓу С Македонија и Индија и реафирмирани заемните заложби за зајакнување на соработката, главно во економијата и бизнис-вмрежувањето.
Османи и неговиот домаќин Дханкар изразиле и подготвеност за јакнење на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка и интензивирањето на културната размена меѓу двете земји.