Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи не знаел дека фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за министерската конференција на ОБСЕ во Скопје, е донатор на ДУИ. Тврди дека тоа го дознал од медиумите и рече дека не му било сеедно. Османи ова го изјави на новинарско прашање на прес-конференцијата со канадската колешка Мелани Жоли.
Сепак, тој вели дека нема начин да се избере друга фирма оти според законската постапка треба да се избере најевтината понуда.
„Постапката е крајно транспарентна, Министертсвото нема никаква можност да реагира и да го поништи тендерот. Ова е најважен настан во мојата кариера и никогаш не би дозволил да остави дамка. На службите им реков веднаш да ја пратат целата документација до Антикорупциска комисија и Обвинителството. И вие да бевте на мое место ќе немавте друг избор, ќе го направевте тој избор инаку ќе одговоравте. Еве, да донесеме закон за компаниите што донираат на партии да не може да учествуваат на тендери. Знам дека не ви се верува, јас од медиуми дознав дека фирмата е донатор на ДУИ. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирање, оти ги очекував ваквите реакции“, рече Османи.
Фирмата од Желино која го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми.
Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице донирал 2.509.200 денари (над 40.000 евра), додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари (30.000 евра).