Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува дека на владината седница во вторник ќе биде одобрен текстот на Законот за рестриктивни мерки. Според Османи, повлекувањето на Законот за рестриктивни мерки од собраниска процедура не е политичко, туку, како што вели тој, административно прашање бидејќи беше условно донесен.
-Законот за рестриктивни мерки е во надлежност на Министерството за надворешни работи и јас имав можност да презентирам во јавноста одредени погледи како сметаме дека треба да се направат измените. На Влада дополнително се усогласи со законодавство, со министерства и тој беше одобрен од страна на Владата, условно, со цел да се направат дополнителни усогласувања во меѓувреме со Министерството за правда и законодавство коишто во рамки на работна група и се случија. Сега, бидејќи во меѓувреме има нова Влада, потребно е таа да го потврди текстот на Законот. Така да нема одредено политичко повлекување на Законот, туку напротив, административно бидејќи беше условно донесен – рече тој на ТВ 21.
Османи, објаснувајќи ги измените кои се додаваат во Законот, рече дека уште во членот 1 е предвидено оти тој треба да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право. Она што се додава во Законот, рече тој, е дека се однесува и на борбата против корупцијата, злоупотреба на службената положба, хибридните закани.
-Во сегашното законско решение, како основ за воведување рестриктивни мерки од страна на нашата држава, се три основи. Тоа се задолжителни резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, правни акти на Европската Унија и билатерални акти на други држави, но само за тероризам и профилерација. Сега додаваме дека за овие цели, меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право, борбата против корупцијата, злоупотреба на службената положба, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и на Обединетото Кралство – истакнува шефот на дипломатијата.
Тој потврди дека Министерството за правда имало негативно мислење, но тоа, како што рече, било за првичното решение.