Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево преку својот фејсбук-профил лично ги отфрли како невистинити обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти за време на прес-конференцијата со својот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата, туку дека говорел единствено на албански јазик.
„ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе прераснува во шовинистичко здружение кое не ги почитува ни своите поддржувачи кога на светите празници изнесува лаги и невистини, а уште помалку останатите граѓани кои постојано ги навредува и омаловажува, ширејќи етничка омраза и нетрпеливост“, пишува Османи на својот фејсбук профил.
Тој приложува и видеоснимка од прес-конференцијата која во петокот ја одржа заедно со шефот на шпанската дипломатија во просториите на македонското Министерство за надворешни работи.
Од приложената снимка може да се забележи дека обраќањето на Османи на прес-конференцијата е на македонски јазик, по што министерот се обраќа и на албански јазик.