Османи: Нема логика одложеното дејство на уставните измени, бидејќи со нив нема промени во нормативниот дел

by Fokus
Foto:Mia

Уставните измени се неопходни за да се фати чекорот во овој исклучително важен историски момент и не смееме да ја пропуштиме шансата, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција.

„Едвај успеавме од историските прашања и Историската комисија како столб на односите со Бугарија да се префрлиме на човекови права – таму каде што сме најсилни, а сега некој бара да го блокира тој пат за да се вратиме повторно на историската комисија“, рече  Османи.

Според него земјата нема да има друга шанса и можност во наредните децении ако ја пропушти можноста како што се случи пред 20 години кога бевме во пакет со Хрватска и Словенија.

„Тогаш да добиевме препораки денеска ќе бевме членка на Европската Унија заедно со Словенија и Хрватска. Ако не прифатиме последиците ќе бидат сериозни и ќе се изолираме целосно, а тоа ќе се одрази на економијата и на животниот стандард. Луѓето ќе почнат масовно да ни бегаат од државата затоа што ќе нема перспектива. Албанија ќе почне да се движи, ние ќе останеме изолирани заедно со Босна и Херцеговина и Косово“, изјави Османи.

Тоа ќе биде групата во која ќе биеме ние после ноември, рече Османи на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Тој рече дека по прес-конференцијата одржана по лидерска средба станало јасно дека веќе нема сериозна политичка партија која смета дека се проблематични уставните измени.

Според него суштинските причини за отпор кон уставните измени се веќе надминати и сега се останати политичките прашања и калкулации.

„Постигнавме консензус дека уставните измени не се проблем и дека опозицијата ги прифаќа. Констатираме дека се наоѓаме на крстопат и дека имаме историска шанса со уставните измени да ја фатиме брзата патека овозможена од геополитичкиот контекст во кој се наоѓаме.  Прашањето на одложена примена на уставен амандман повеќе важи доколку има промени во нормативниот дел од Уставот во кој произлегуваат законски решенија, но кај овие уставни измени нема измена со која се продуцира закон, но има повеќе политика, симболика и пристап за да покажете дека сите граѓани од сите заедници независно од која бројност се, ги третирате исто“, рече Османи.

Според него ако прифатиме одложено дејство им укажуваме на земјите-членки дека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите се до членство во ЕУ.

„Затоа нема логика одложеното дејство на уставните амандмани. Наш прв пристап е да ја убедиме опозицијата да ги поддржи уставните измени“, рече Османи.

Тој додаде дека вчера Делегацијата на ЕУ ги прочита заклучоците на Советот во кои, како што рече, јасно се вели дека уставните измени треба да стапат на сила пред втората меѓувладина конференција.

Според него ако опозицијата ги поддржи уставните измени кои ќе стапат на сила до втората меѓувладина конференција ДУИ е подготвен истиот ден да ги напушти сите позиции во Владата, вклучувајќи ги и во техничката – пржинска влада и премиер 100 дена.

„За тоа имаме само еден услов – на денот кога ќе се усвои овој план да се почне со истрага на политичките партии, почнувајќи од лидерите, па до членовите на претседателствата и сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти од меѓународната заедница кои цело време ќе го мониторираат процесот со цел да има непристрасност и објективност за да заврши партиската злоупотреба и обвинувањето на политичките партии по однос на криминогеност и корупција.  Истрагата да важи за актуелните и поранешните функционери. Доколку и тоа пропадне имаме план „б“ кој треба да се реализира до крајот на годината“, рече Османи.

Тој објасни дека заради планот Б вчера кажал дека уставни измени ќе има и со и без ВМРО-ДПМНЕ.

„Се договоривме, нагласи, дека уставните измени се во наш интерес зашто не оттргнуваат од другата траекторија – Историската комисија и сега заради его трипови и партиски калкулации треба да држиме во заложништво два милиони народ. Само преговорите со ЕУ ќе не здробат во делот на злоупотреба на институциите во партиски цели. Се е пробано досега. Добра волја има, но нема сила за имплементација на законските решенија. Како најуспешен модел се покажало отворањето на поглавјата 23 и 24. Затоа инсистираме дајте да почнат преговорите и да се отворат поглавјата 23 и 24 после тоа не е важно кој е во Влада“, рече Османи.

 

Поврзани новости