Jули е се уште опција да добиеме датум за преговори со ЕУ, и не е прашање дали ќе има датум, туку дали ќе биде летово или во октомври, рече вицепремиерот, Бујар Османи, во вчерашното гостување на „360 степени“, и додаде дека ова ќе биде тема на средбата на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, следната недела.
–Одлуката за почеток на преговорите оваа година е фиксна. Но, дилема на некои земји членки е месецот. Има некои земји членки што се уште не ја сфаќаат сензитивноста на тие месеци. Ние, имајќи лошо искуство од минатото каде тука на Балканот, еден ден повеќе може да ја комплицира ситуацијата, а да не зборуваме една недела или еден месец. Особено овие три месеци до октомври, имајќи ги предвид регионалните спорови, тоа што се случува во Грција со изборите, Брегзитот е одреден токму во октомври, следната недела Комисијата со работа стартува на 1 ноември. Значи, кога во октомври ќе се усвои одлуката, тоа ќе биде последната седница на комесарите, последните денови на актуелните еврокомесари – рече Османи.
Запрашан за тоа како да веруваме дека во октомври ќе има одлука, со оглед на тоа што датумот јуни е во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ од лани, Османи рече дека советот минатата година го издвоил јуни како датум и дека согласно тоа била направена и политичката стратегија.
– Неколку земји членки поради внатрешните контексти, несфаќајќи ја сензитивноста на месеците и неделите овде во регионот, оценуваат дека месец порано или подоцна не игра некаква голема разлика, кога сте чекале 15 години со статусот кандидат. Но, ние имајќи го во предвид непредвидениот период после летото, инсистираме да биде во овие самити јуни-јули, без разлика што Бундестагот не го дискутираше на овонеделниот состанок, јас мислам дека треба да биде на дневен ред на 18 јуни за да разговараат барем земјите членки за оваа тема. Не е неопходно да донесат одлука, туку нека ги покажат своите ставови, нека ги надминат разликите во овој јунски совет, потоа одлуката ќе ја донесат полесно во јули, отколку да ја оставиме целата дебата во јули, кога веќе немаме трета опција пред летото. Ја имаме во октомври, но не и пред летото. Затоа, јас гледам расположение во многу земји членки и кај многу луѓе со влијание дека портфолиото на Северна Македонија е толку позитивно и толку силно што навистина сите се ставени во незгодна ситуација за тоа како треба да реагираат – рече Османи.