Османи: Не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел ниту Софија

by fokus

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи појасни дека доколку се има политичка волја навистина не се потребни уште шест месеци да се одржи во неизвесност државата, европската перспектива и регионалната динамика.

„Вчера коментирав на прашање на бугарска телевизија дали шесте месеци што беа предложени се соодветен период за надминување на разликите и мојот одговор беше дека имајќи го предвид досегашниот тек во разговорите, тој термин е предолг за надминување на разликите и предолго е за почетокот на преговори за Северна Македонија, бидејќи, кредибилитетот на Унијата повеќе не може да издржи уште шест месеци, но и регионалната динамика тешко може да се одржи со дополнителни непредвидливи шест месеци и дека доколку се има политичка волја може уште јануари да биде наредната можност за надминување на разликите. Тоа беше интерпретирано во јавноста како јас да сум го потврдил јануари како период кога ќе се надмината разликите, рече Османи.

Тој истакна дека не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел ниту Софија и дека треба да се испорача тоа што е ветено.

-Ние го заслужуваме овој процес. Нема да престанеме да работиме додека не станеме членка на ЕУ. Тоа е ветено, тоа треба да го испорачаат, па и по цена на трошење на политичкиот капитал на секој од нас, посочи Османи.

 

Поврзани новости