Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска рече дека С. Македонија не ѝ дава оружје на Украина за да нападне некоја држава, туку ѝ помагаме на земјата да се брани во тешките моменти.
„Ние не даваме оружје на Украина за да нападне некоја држава, ние и помагаме на Украина да се брани. Нашиот став не е кон рускиот народ, не е кон Русија, туку кон агресивното однесување на Руската федерација и на власта во Руската федерација која што го загрозува светскиот мир, преку рушење на тие основни принципи на кои се темели мирот во светот, посебно мирот во Европа, но и мирот во С. Македонија“ – рече Османи на денешниот брифинг во МНР.
Тој потенцираше дека Русија ги има прекршено насилно, неоправдано, основните принципи на меѓународното право и на меѓународното хуманитарно право.
„Тоа се принципите на европската безбедносна архитектура кои го одржуваат мирот во Европа во последните 75 години. Тоа се принципите кои го одржуваат мирот во нашата држава. Нашите граѓани уживаат мир затоа што по Втората светска војна е воспоставен меѓународен правен ред и поредок кој што спречува државите да ги нападнат соседните држави“ – рече Османи.