Министерот за надворешни работи Бујар Oсмани, кој е претседавач со ОБСЕ, со посетата на Узбекистан и со средбата со претседателката на Сенатот на Узбекистан, Танзила Нарбаева ја почна посетата на Централна Азија.
Од кабинетот на Османи соопштија дека на средбата со Нарбаева главен акцент е ставен на улогата на Сенатот на Узбекистан во напорите за зајакнување на улогата на жените и зголемување на нивната безбедност. Тоа еден од главните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ годинава.
„Во таа насока, Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан, заедно со Секретаријатот соработува со сите владини институции за спроведување на Националната стратегија за постигнување на родова еднаквост до 2030 година. За поздравување е и одобрувањето на Националниот акциски план за жени, мир и безбедност“, изјави Османи на средбата со Нарбаева.
Од кабинетот на министерот за надворешни работи соопштија дека освен за законите кои се однесуваат на подобрување на позицијата на жените во општеството, Сенатот на Узбекистан тесно соработува со ОБСЕ и за спроведување реформи и во други области, како и зајакнување на парламентарниот надзор врз безбедносниот сектор и градење на капацитетите на претставниците на Парламентот во Узбекистан.
„ОБСЕ е подготвена да даде поддршка и во насока на спроведување на препораките на ОДИХР, како и во други области. Крајната цел на поддршката што ОБСЕ им ја дава на државните власти на Узбекистан е креирање на политики во полза на граѓаните и во насока на зацврстување на демократските процеси“, изјави Османи.
Османи во Ташкент ќе се сретне и со претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, а со министерот за надворешни работи, Бахтијор Саидов, по што ќе има заедничка прес-конференција.
„Покрај средбите со државниот врв, на агендата на претседавачот се средби и со претставници на граѓанското општество. Тој ќе ја посети и Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан“, соопштија од кабинетот на османи.