Османи: Наместо изолација, неопходна ни е интеграција

by Fokus

Начини на зацврстување на соработката во справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и искуствата на земјите од ЈИЕ беше тема на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на турското претседавање 2020-2021, во Анталија, Република Турција на кој учетвуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Како една од најстарите иницијативи, овој форум претставува клучен фактор за остварувањето на  евроинтегративните аспирации на сите земји партнери, при што треба да се потенцира огромниот  придонес во обезбедувањето на траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа, истакна Османи соопшти МНР.

Тој притоа укажа на напредокот на Република Северна Македонија, која оваа година во март обезбеди зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, и се наоѓа пред самиот почеток на преговорите.

-Како земја која се наоѓа пред самиот почеток на преговорите, особено ги цениме регионалните иницијативи кои и нам ни обезбедија јасна европска перспектива, што претставува дополнителен поттик за нас активно да продолжиме со придонес кон зацврстувањето на регионалната соработка, истакна Османи.

Министерот во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето на заеднички и координирани мерки за превенција и заштита од пандемијата и нивна имплементација преку бројните регионални иницијативи, вклучително и Берлинскиот процес со кој оваа година ко-претседаваат Северна Македонија и Бугарија.

-Борејќи се против корона вирусот учиме една нова лекција – дека наместо изолација, неопходна ни е интеграција, заеднички да ги совладаме предизвиците на новото време, нагласи Османи.

Поврзани новости